Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа рече дека сè уште ја гледа неговата земја на патот кон членство во НАТО, и покрај тоа што руската агресивна војна не покажува знаци на запирање по 13 месеци борби, пренесе ДПА.

Оваа недела е забележано добро „движење кон НАТО“, со новата воена помош од Западот и други изрази на меѓународна поддршка, рече Зеленски во редовното видео-обраќање.

Тој се осврна на тоа што Литванија предложи да ја покани Украина да стане членка на НАТО на самитот на воената алијанса во Вилнус во јули. Тој и се заблагодари на Литванија.

Парламентот на балтичката земја одлучи оваа недела да побара покана за Украина за членство во Алијансата на самитот закажан за 11 и 12 јули.

Аспирацијата на Украина да се приклучи на НАТО Кремљ често ја наведува како една од причините за целосната инвазија на Русија која почна минатиот февруари.

Зеленски минатата година се заложи за „забрзан“ пристап во НАТО, надевајќи се дека Украина ќе добие повластен третман. САД и другите членки на НАТО, како Германија, изразија резервираност околу тоа, имајќи предвид дека еден од предусловите за приклучување е да не се вклучени во меѓународни конфликти.

Зеленски во пораката апелираше за поддршка од земјите кои допрва треба јасно да се дистанцираат од Русија, велејќи дека Украинците се борат за универзални вредности кои се блиски до сите народи.

– Секој ја цени безбедноста и заштитата од терор, рече Зеленски и додаде дека „Русија се залага за концентрациони логори, депортација на деца, силување жени и палење градови“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.