Украинскиот претседател Володомир Зеленски го повтори барањето на Киев за помодерно оружје, посочувајќи дека некои елементи испорачани од западните земји, не функционирале.

За време на овонеделното патување во погранични и региони покрај линијата на фронтот, Зеленски беше придружуван од новинари на Асошиејтед прес при што Зеленски зборуваше за ветеното оружје наспроти добиеното, пренесува Хина.

Имаме одлични одлуки за системите Патриот, но ги немаме во реалноста, рече тој, мислејќи на ветениот систем за противвоздушна одбрана од САД.

Зеленски рече дека на Украина и се потребни 20 батерии од системот Патриот за заштита од руски ракети, но дека „и тоа можеби не е доволно“, бидејќи ниту една земја во светот не била нападната со толку многу балистички ракети.

Зеленски додаде дека една европска нација испратила систем за противвоздушна одбрана во Украина, но тој не функционирал и тие „морале да го менуваат одново и одново“. Тој не ја наведе државата.

Зеленски го повтори и неговото постојано барање за борбени авиони. Тој се пожали дека Украина „се уште нема ништо кога се во прашање модерни борбени авиони“.

Полска и Словачка одлучија да ѝ дадат на Украина борбени авиони од советската ера, но ниту една западна земја досега не се согласи да обезбеди модерни воени авиони, поради загриженоста дека може да го ескалира конфликтот и предизвиците за обука.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.