Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, се обрати пред европратеници на вонредна пленарна седница на Европскиот Парламент и побара од Европската Унија да ја докаже својата заложба за европска Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Вонредната пленарна седница на Европскиот Парламент е денеска целосно посветена на агресијата на Владимир Путин врз Украина.

Преку видео врска од Украина, Зеленски изјави дека сака од европратеницита да слушне дека го поддржуваат украинскиот проевропски избор.

Украина вчера поднесе официјално кандидатура за членство во ЕУ. Европскиот Парламент денеска со огромно мнозинство ќе изгласа резолуција за поддршка на барањето за членство на Украина.

Сакаме да бидеме еднаква членка во Европа, верувам дека покажуваме дека сме тоа, ЕУ ќе биде многу посилна со Украина, а Украина без ЕУ ќе биде осамена. Ја докажавме нашата сила, и дека во најмала рака сме исти како и вас, така што сега докажете дека сте со нас, дека нема да нѐ напуштите, докажете дека сте навистина Европејци, им порача претседателот Зеленски на европратениците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.