Предлог-измените на правилата за избор на Европскиот парламент, Програмата за работа на Еврокомисијата за 2024 година, евалуацијата на почитувањето на правото во Полска и на вредностите на ЕУ во Унгарија, стратегијата за иднината на Европа, односите на Унијата со Велика Британија и иницијативата на Шпанија за прогласување на каталонскиот, баскискиот и галицискиот за официјални јазици во блокот, се главните теми на денешното заседание на Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, на заседанието еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс ќе го презентира предлогот за измена на Европскиот изборен закон во пресрет на изборите за членови на Европскиот парламент во јуни следната година и ќе ги информира министрите од земјите членки на ЕУ за последните случувања во врска со независноста на судството во Полска, како и за состојбите во Унгарија поврзани со судскиот систем, корупцијата, слободата на медиумите и правата на ЛГБТИК лицата.

За време на работниот ручек, извршниот потпретседател на ЕК за Европскиот зелен договор и за меѓуинституционални реформи Марош Шефчович ќе учествува во размената на мислења со министрите за иднината на Европа, а во текот на попладневното заседание на Советот со нив ќе дискутира за состојбата на односите меѓу Европската Унија и Обединетото Кралство и за барањето на Шпанија за прогласување на каталонскиот, баскискиот и галицискиот за службени јазици на ниво на ЕУ.

Еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан пред членовите на Советот за општи работи ќе ја претстави програмата за работа на Европската комисијата за 2024 година, а со нив ќе разговара и за подготовките на Самитот на ЕУ предвиден за 14 и 15 декември.

Со заседанието на Советот ќе претседава шпанскиот државен секретар за ЕУ, Пасквал Игнасио Наваро Риос.

Советот за општи работи го сочинуваат министри или државни секретари за надворешни работи и европски прашања на земјите членки на ЕУ. Во надлежност на ГАК се голем број меѓусекторски области, меѓу кои и проширувањето и преговорите за членство во ЕУ, усвојувањето на повеќегодишната финансиска рамка на блокот, спроведувањето на политиката на кохезија и прашања поврзани со административни работи и со институционалната поставеност на Унијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.