Русија ќе преземе соодветни мерки против Црна Гора, која од 10 јули забрани емитување на голем број руски медиуми, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, пренесува агенцијата Тасс.

Сметаме дека уште еден напад на црногорските власти е непријателски чин на отворена цензура, со цел, од една страна, да му даде изглед на легитимитет на грубото кршење на медиумските слободи, а од друга страна, да ја придобие наклонетоста на Брисел со надеж за ветениот напредок на европскиот пат“, рече Захарова, пренесува Тасс.

За да ја задоволат русофобната трансатлантска агенда, додаде таа, тие се подготвени да продолжат со политиката на поткопување на демократските основи на нивното општество и држава и да им го ускратат правото на пристап до информации на своите граѓани.

На веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи, се наведува дека Агенцијата за електронски медиуми на Црна Гора наредила надлежните служби и локалните телекомуникациски компании „целосно да го прекинат емитувањето на руските медиуми најдоцна до 10 јули“.

Станува збор за 20 руски медиумски оператори, меѓу кои и Првиот канал, Русија 1, РТ, Спутник, НТВ, РЕН ТВ и други. Захарова изјави дека оваа одлука подразбира забрана за сателитско и кабелско емитување на нивната содржина, како и на секое друго средство за дистрибуција, вклучително и интернет.

Според неа, тоа е обид за ретроактивно правно официјализирање на ситуацијата настаната на почетокот на 2022 година. Тогаш црногорските власти без предупредување ги блокираа сите руски радиодифузери достапни во земјата и целосно го исчистија информативниот простор од нивното присуство, рече Захарова.

Таа додаде дека сега официјален изговор за воведување на забраната, која неофицијално важеше веќе подолго време, е приклучувањето на Подгорица кон санкциите што Европската Унија ги воведе кон руските медиуми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.