Русија соопшти дека поканата на папата Франциск за разговори со Москва за ставање крај на војната во Украина е барање до западните сојузници на Киев да се откажат од нивните амбиции да ја поразат Русија и да ја признаат грешката на Западот во украинската војна, објави денеска италијанската новинска агенција АНСА.

 

Папата неодамна изјави дека Украина ќе мора да има храброст за „бело знаме“ и да преговара за крај на војната со Русија, по почетокот на инвазијата пред две години во која загинаа десетици илјади луѓе.

 

Во интервјуто снимено минатиот месец за швајцарската телевизија РСИ, Франциск кажа што мисли за оние кои велат дека Украина треба да се откаже бидејќи не успеала да ги одбие руските сили и тие кои веруваат дека тоа ќе и даде легитимитет на посилната страна.

Новинарот во своето прашање го употреби терминот „бело знаме“. „Тоа е едно толкување, тоа е вистината“, рече тогаш Франциск, според извадоци од интервјуто што треба да се емитува на 20 март.

 

„Зборот „преговарање“ е храбар збор. Кога ќе видите дека сте поразени, дека работите не одат добро, треба да имате храброст да преговарате“, нагласи Франциск.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, коментира дека Западот ја користи Украина како инструмент на своите амбиции да ја ослабне Русија.

 

„Како што јас го гледам тоа, папата бара од Западот да ги остави настрана своите амбиции и да признае дека не е во право“, ја цитира АНСА изјавата на Захарова.

Што се однесува до Русија, продолжи таа, „никогаш не сме ги блокирале преговорите“. Во исто време, Захарова додаде дека ситуацијата во Украина е „без излез“. рп/Фото: МИА архива .



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.