Претседателот на Франција, Емануел Макрон денеска изјави дека апсењето на извршниот директор на популарната апликација за пораки Телеграм, Павел Дуров во Париз, не е политички мотивиран потег, туку дел од независна истрага.

Дуров беше приведен на аеродромот во Париз во саботата по налог за апсење во кој се тврди дека неговата платформа се користела за перење пари, шверц на дрога и други злосторства.

Во своето прво јавно обраќање за апсењето, Макрон на мрежата Икс објави дека Франција е длабоко посветена на слободата на изразување, но дека „слободите се поддржани во законската рамка, и на социјалните мрежи и во реалниот живот за да се заштитат граѓаните и да се почитуваат нивните основните права“.

Руските владини претставници изразија загриженост поради апсењето на Дуров,оценувајќи го како политички мотивиран чекор и оти апсењето е показател за западните двојни стандарди во однос на слободата на говорот.

Телеграм тврди дека ги почитува законите на Европска Унија, вклучително и Законот за дигитални услуги, и оти корисничка политика е „во рамките на стандардите и постојано се подобрува“.

– Апсурдно е да се тврди дека платформата или нејзиниот сопственик е одговорен за злоупотребата на таа платформа. Речиси милијарда корисници ширум светот го користат Телеграм како средство за комуникација и како извор на витални информации. Чекаме брзо решение за оваа ситуација, се наведува во соопштението на Телеграм



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.