Над 500 луѓе починаа поради болести предизвикани од високите горештини за време на аџилакот на муслиманските верници во Мека. Како што пренесува Sky News, температурата во Саудиска Арабија во последните денови достигнала и до 52 Целзиусови степени.

Трагедијата го наруши празникот Курбан Бајрам, еден од најголемите муслимански празници. Мека секоја година прима милиони посетители за Хаџ, годишниот исламски аџилак во Каба, кој е познат и како Куќа на Алах.

 

Оваа година церемониите се одржуваа на пеколни температури. Во Големата џамија се измерени рекордни 51,8 степени според саудискиот метеоролошки центар.

Дипломатите соопштија дека бројот на загинати во мртовечницата Ал Муаисем достигна 550, од ​​кои повеќето се од Египет.

„Повеќето од загинатите се Египќани“, изјави арапски дипломат за АФП.

Верниците се обиделе да се разладат со полевање со вода. Според медиумите, загинале 323 државјани на Египет, 60 државјани на Јордан, 35 државјани на Тунис, 11 државјани на Иран и еден државјанин на Сенегал. Националноста на другиот починат не е соопштена.

За време на аџилакот, повеќе од 390.000 аџии побарале лекарска помош поради преголемата топлина. Очевидци наведуваат дека покрај патот виделе многу неподвижни тела на верници, не знаат дали починале.

„Ќе ги засилиме напорите да се грижиме за сите на кои им е потребна помош“, соопшти саудиската Црвена полумесечина, додавајќи: „Планот е да се фокусираме на верниците кои го завршиле аџилакот и пред да стигнат до болницата. Подготвивме 45 целосно опремени медицински центри со 700 професионални работници и над 500 волонтери“.

И покрај големиот број на смртни случаи, саудискиот министер за здравство Фахд Абдул Рахман Ал Џалајаел изјави дека здравствените служби одлично ги извршиле сите задачи за време на овогодинешниот Хаџ.

„Благодарение на Алах, неговото височество принцот и премиерот со задоволство објавуваат успешно спроведување на плановите поврзани со здравствените услуги за време на оваа сезона на Хаџ“, рече тој.

Одењето на аџилак барем еднаш во животот е една од обврските на секој муслиман кој е способен (финансиски и физички) да го стори тоа.

„Аџилакот е тешка задача. Мора да се вложат големи напори ритуалот да се изврши и во услови на голема топлина и гужва“, вели еден од верниците.

Властите ги предупредија верниците да избегнуваат да бидат на отворено помеѓу 11 и 15 часот. Се проценува дека оваа година Мека ја посетиле околу 1,8 милиони муслимани од целиот свет. Минатата година за време на аџилакот загинаа најмалку 240 луѓе, а повеќе од 10.000 верници побараа помош поради големите горештини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.