Свлечиштето го оштети автопатот меѓу вториот по големина град во Шведска, Гетеборг и главниот град на Норвешка Осло, во близина на малиот град Стенунгсунд, на околу 50 километри северно од Гетеборг, пренесува Индипендент.
Одронот затрупа десетина возила, шумска површина и деловен простор со бензинска пумпа и ресторан за брза храна, соопштија од спасувачките служби.
Одреден број лица ги напуштија возилата со помош на противпожарни екипи и хеликоптери и беа евакуирани од зоната на свлечиште. Неколку автомобили и камион пропаднале во дупки и пукнатини предизвикани од одронот, јави шведската новинска агенција ТТ.
Портпаролот на спасувачката служба за јавниот радиодифузен сервис СВТ изјави дека на сите луѓе во возилата им била укажана помош.
„Најтешко погодените делови од областа на свлечиштето се со големина од околу 150 x 100 метри. Сепак, свлечиштето зафати површина од вкупно околу 700 x 200 метри“, се вели во соопштението на спасувачката служба во Гетеборг.
Се додава дека специјално обучен персонал и кучиња трагачи ќе ја пребаруваат областа и дека не може да се исклучи можноста за нови лизгања на земјиштето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.