Режимот во Киев заслужува најстрога казна за своите ѕверства, а на Володимир Зеленски треба да му се суди, изјави претседателот на Државната дума на Русија Вјачеслав Володин.

Коментирајќи ја видео-снимката од стрелањето заробени руски војници, Володин порача дека тоа е начинот како се однесуваат фашистите. „Киевскиот режим заслужува најстрога казна за своите злосторства. Шефовите на европските држави до денес не ги осудија овие злосторства“, напиша Володин.

Според него, истиот тој молк во триесеттите години на минатиот век довел до создавање на фашистичката држава и до Втората светска војна.

Земјите кои соработуваат со режимот во Киев треба да сфатат дека поддржуваат нацистичка држава, садисти чии раце се облеани во крв. На Зеленски треба да му се суди. Тој треба да се појави пред трибуналот, коментира Володин.

Министерството за одбрана на Русија претходно соопшти дека украинската армија намерно убила десет заробени руски војници.

На Интернет во петокот се појави видео од украински војници како пукаат во руски војници кои се предале и лежат на земја. Според информациите на претседателот на Судот за човекови права Валериј Фадејев, злосторството се случило во Макијевка.

Тој додаде дека Судот за човекови права видео-снимката ќе ја испрати до администрацијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации, ОБСЕ, Советот на Европа, „Амнести интернешенел“, Меѓународниот комитет на Црвениот крст и други организации.

Истражниот комитет на Русија започна истрага за злосторството.

Серијата видеа објавени на социјалните мрежи минатата недела на кои се гледа предавањето на руските војници и набргу потоа нивните мртви тела, предизвикаа дебата за тоа дали украинските сили извршиле воени злосторства или дејствувале во самоодбрана.

Видеата покажуваат страшни сцени во кои најмалку 11 Руси, од кои повеќето се гледаат како лежат на земја, се чини дека се убиени од непосредна близина откако еден од нивните колеги борци ненадејно отворил оган врз украинските војници, пишува „Њујорк Тајмс“.

И Москва и Киев ги коментираа снимките, обвинувајќи се меѓусебно за воени злосторства. Русите ги обвинуваат украинските сили за „немилосрдно пукање во невооружени руски воени заробеници“, а украинскиот комесар за човекови права, Дмитро Лубинец, вели дека руски војници отвориле оган при предавањето.

„Њујорк тајмс“ објави дека е потврдена автентичноста на снимките објавени во украинските медиуми и преку социјалните мрежи.

Свесни сме за видеата и ги истражуваме, изјави во петокот Марта Хуртадо, портпаролка на Канцеларијата за човекови права на ОН. „Наводите за кратки егзекуции треба да се истражат брзо, целосно и ефикасно, а извршителите треба да одговараат.”

Ликвидацијата на заробените војници се случила откако украинската армија ја врати контролата врз селото Макијевка во областа Луганск. Инцидентот го снимиле два извора, неименуван украински војник со својот мобилен телефон и украински дрон, што најверојатно ги следел активностите на фронтот.

Со споредување на двете видеа со сателитски снимки, њујоршки „Тајмс“ потврди дека тие се снимени на фарма во селото.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.