Човечките жртви и уништените градови во Украина не е единствената штета која се случува како последица од војната.Во моментов овие несакани случувања се користат од страна на меѓународните организирани криминални групи за заработувачка на милионски профити, и сето поради шверц на горива од Балканот кон и од завојуваните локации.

Во својата нова публикација на оваа тема Глобланата Иницијатива против Транснационалниот Организиран Криминал (ГИ-ТОК) насловена како” Гориво за потпалување на огнот” ги истражува паралелите во шверцот со гориво меѓу минатите конфликти во поранешна Југославија и сегашниот во Украина.

Според информациите во документот меѓународните криминални организации дебело профитираат од војната шверцувајќи гориво бидејќи шверцот е длабоко вкоренета илегална трговија што се одвива на Балканот повеќе од три децении.

Во публикацијата се истакнува дека во 2022 година запленети се повеќе од 3.000 тони нелегално гориво во вредност од 4,3 милиони евра, што е речиси четири пати повеќе отколку во 2021 година. Но, ова е само врвот на ледениот брег. На пример, буџетот на Бугарија потенцијално изгубил 250 милиони евра на нелегалниот пазар на гориво само во 2019 година, според новиот извештај на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал.

Поради руската инвазија на Украина и изборната криза во Либија во 2022 година, беше воведено ембарго за увоз на нафта од овие земји. Во извештајот се вели дека овие случувања потсетуваат на нелегалните текови на гориво на Балканот во 1990-тите, особено за време на санкциите што ја погодија Сојузна Република Југославија.

 

„Степенот на шверц на гориво на Балканот е намален од 1990-тите, но илегалната трговија сè уште продолжува и опстојува, преку Дунав и Средоземното Море преку пристаништето Драч. Тековниот конфликт во Украина претставува потенцијален ризик за шверцот на руски сурова нафта низ Црното Море“, вели Саша Ѓорѓевиќ, автор на извештајот.

Најавената забрана за увоз на руска сурова нафта во Бугарија во 2024 година би можела да ја пренасочи илегалната трговија со гориво на Балканот.

„Бугарија, Романија, Албанија и Србија може да се појават како идни жаришта на шверц на гориво. Пристаништата како Бургас, Констанц и Драч би можеле да послужат како влезни точки за шверцерски операции на Балканот, поврзувајќи се со постоечките рути долж Дунав. Само во Србија има речиси 40 погодни места за шверц на гориво“, објаснува Ѓорѓевиќ.

Во извештајот се нагласува дека со шверцот на гориво на Балканот се справува мешавина на криминални мрежи и странски актери кои работат преку границите.

„Поврзани лица од различни националности формираат криминални мрежи кои оперираат преку границите, користејќи различни рути, пред се на Дунав и Медитеранот, за нелегални активности. Нивниот фокус е на транспортот, дистрибуцијата и нелегалната продажба на гориво“, вели Ѓорѓевиќ.

Во извештајот се заклучува дека ова укажува на потребата од регионална соработка и заеднички напори за ефикасна борба против шверцот со гориво.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.