Четворица цивили загинале вчера вечерта во украинското гранатирање на руско село во областа Брјанск, која граничи со Украина, соопшти денеска гувернерот на регионот Александар Богомаз.

Украински проектили го погодиле селото Суземка, кое се наоѓа на десет километри од руско-украинската граница.

„Четири цивили загинаа“, напиша Богомаз во апликацијата за пораки Телеграм, додавајќи дека уште две лица се на болничко лекување.

Вчера властите известија дека според првичните информации загинале двајца цивили.

Богомаз претходно објави дека една станбена зграда е целосно уништена, а две куќи се делумно урнати. Тој ги обвини „украинските националисти“ за инцидентот.

Украина речиси никогаш јавно не ја презема одговорноста за нападите во Русија и на територијата во Украина под контрола на Русија.

Станбените згради и инфраструктурата во руските региони кои граничат со Украина, како што се Брјанск и Белгород, редовно трпат удари што Москва ѝ ги припишува на украинската армија, но Киев тоа го негира.

По вчерашниот напад од украинската артилерија, пет села останале без струја во регионот на Белгород.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.