Шпанската Цивилна гарда денеска соопшти дека уапсила 26 лица во рации на нелегални бунари во Андалузија, како дел од пошироката борба против нелегалната употреба на вода за време на продолжената суша.

Единицата за криминал во областа на животната средина на Цивилната гарда соопшти дека идентификувала 250 прекршоци од земјоделци кои одгледуваат овошје а изградиле нелегални бунари и бушотини во областа Ахаркија, источно од крајбрежниот град Малага. Причинетата штета на водоводната инфраструктура се проценува на 10 милиони евра.

Шпанската Влада се залага за уште построги правила за користење на водата во Андалузија, најважната област за производство на маслиново масло во светот и клучен производител на овошје и зеленчук за Европа.

Рекордно високите температури во април во Андалузија се надоврзаа на и онака хроничниот проблем со недоволниот дожд. Дури и пред почетокот на летото, количината на вода во басенот на реката Гвадалкивир, која минува низ територијата, е само околу 27,95 отсто од нормалната.

На земјоделците во тој крај им останува 10 отсто од водата што вообичаено ја користат за наводнување.

Ваквата состојба во таа голема земјоделска област, како и во североисточна Каталонија, значи дека вкупните резерви на вода во Шпанија паднаа на 48,9 отсто.

Минатиот месец беше најсушниот април досега во Шпанија. Сега 27 отсто од територијата на Шпанија е или во вонредна состојба за суша или во состојба на предупредување дека претстои суша.

Земјоделците ширум западниот Медитеран предупредија дека родот најверојатно ќе пропадне.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.