Вакцинацијата на децата против детска парализа (полио) започна во центарот на Појасот Газа, изјави денеска официјалниот претставник на палестинското Министерство за здравство, д-3 Муса Абед, во пресрет на „хуманитарната пауза“ во војувањето, што ОН ги најавија за да го овозможат вакцинирањето, пренесуваат француските медиуми.
-Тимови од Министерството за здравство, УНРВА и невладините организации денеска ја почнаа кампањата за вакцинација против детска парализа во централниот Појас Газа, изјави д-р Абед, директор за прва помош во Министерството за здравство на владата на Хамас.
Првиот случај на детска парализа неодамна беше потврден кај десетмесечно дете во Појасот Газа, каде болеста беше искоренета пред дваесет и пет години.
ОН испратија 1,2 милиони орални вакцини.
Родителите чии деца ја примија првата орална вакцинација од две капки, а две дози од вакцината се потребни во период од еден месец, изјавија за француските медиуми дека стравуваат од епидемија меѓу децата на малата територија од 2,4 милиони луѓе, од кои речиси сите беа раселени за време на војната.
Светската здравствена организација (СЗО) во четвртокот соопшти дека израелските власти се согласиле на неколку „хуманитарни паузи“ од по три дена во Газа за да дозволат 640.000 деца да бидат вакцинирани против детска парализа.
Поради оштетените патишта и раселеното население, ОН најавија дека може да биде потребен дополнителен ден за секоја област.
Договорот предвидува хуманитарната пауза да трае секој ден од рано наутро до рано попладне, а по можност и да се продолжи.
Според ОН, „епидемијата за да биде запрена потребно е да бидат опфатени најмалку 90 отсто од децата во текот на секоја фаза на вакцинација“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.