Едно лице во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) е позитивно на тест за МЕРС или Блискоисточен респираторен синдром, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Нов случај на МЕРС, познат и како МЕРС-КоВ, бидејќи е вирус од семејството на корона вирус, е регистриран во Ал Аин, дел од Абу Даби, но се уште не е познат изворот на заразата.

Пациентот (28) е примен во болница на 8 јуни, но дијагнозата му била одредена дури на 23 јули откако тестот покажал дека е позитивен на МЕРС. ОАЕ за овој случај веднаш ја информирале СЗО. Детали за здравствената состојба на мажот не се објавени, но се знае дека мажот не е здравствен работник или државјанин на ОАЕ.

Сите 108 лица кои биле во контакт со заразеното лице биле тестирани за вирусот и резултатите се негативни.

МЕРС е главно респираторно заболување кое предизвикува симптоми како што се висока температура, кашлица и отежнато дишење. Во некои случаи, тоа може да доведе до пневмонија.

Инфекцијата МЕРС првпат е забележана во 2012 година на Блискиот Исток, каде имаше најголем број случаи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.