Судот во Молдавија му одреди 30-дневен домашен притвор на поранешниот претседател и проруски опозициски лидер Игор Додон за да му овозможи на обвинителството да ги испита наводите за корупција и предавство.
Окружниот суд во областа Чиокана во главниот град Кишињев донесе одлука два дена откако беше извршен претрес во куќата на Додон, а нему му беше одреден 72-часовен притвор.
Обраќајќи им се на медиумите по судското рочиште, Додон изјави дека судијата извршувал „политичка наредба“ на прозападната претседателка Маја Санду, која го наследи по победата на изборите во 2020 година.
Тој истакна и дека нема никаков имот освен тој што официјално го пријавил.
Молдавската влада ги отфрли обвинувањата за политичко мешање, а министерот за правда Сергиу Литвиненко порача дека случајот ќе се води „строго во согласност со законот“.
Апсењето на Додон доаѓа во време кога односите меѓу Москва и Кишињев стануваат сè позатегнати.
Кремљ претходно изрази загриженост поради веста дека Додон е приведен, а портпаролот Дмитриј Песков ги повика властите во Молдавија да ги почитуваат неговите права.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.