Властите во западниот руски регион Курск започнаа со поставување на модуларни бетонски засолништа за заштита на цивилите од потенцијална украинска инвазија, соопшти денеска регионалниот гувернер.

Руските сили од 6 август се борат со украинската војска во граничниот регион Курск. Илјадници украински војници тогаш ја преминаа границата, што предизвика евакуација на стотици илјади руски граѓани.

„Според моите насоки, властите на градот Курск ги идентификуваа клучните локации за поставување на модуларни бетонски засолништа на фреквентни места“, напиша гувернерот на Курск, Алексеј Смирнов, на апликацијата Телеграм.

Засолништата ќе бидат поставени на околу 60 автобуски станици. Смирнов објави фотографија на која се гледа камион како транспортира едно засолниште. Градот Курск има околу 450.000 жители.

Гувернерот најави дека засолништата ќе бидат поставени и во уште два града – Железногорск и Курчатов, дом на нуклеарната електрана за која Русите тврдат дека е цел на украинските воени напади, што Киев го негира.

Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија треба да ја посети таа електрана кон крајот на август.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.