Одредени возови во Франција и денеска беа во прекин, еден ден по „масовниот и добро подготвен“ напад врз мрежата на брзите возови (ТГВ), извршен неколку часа пред церемонијата на отворање на Олимписките игри (ОИ) во Париз.

Состојбата се подобрува, но железничкиот сообраќај и денеска ќе биде нарушен, со доцнење на возовите од најмалку еден час. Француската железница СНЦФ синоќа соопшти дека ќе биде обезбеден превоз за олимписките спортисти и нивниот персонал.

Неколку пожари избувнаа ноќта меѓу четвртокот и петокот на мрежата на ТГВ. Пресечени и запалени се некои кабли, а запалени се и сигнални кутии. Таа опрема покрај специјалната пруга за тој тип возови дава безбедносни информации за машиновозачите.

СНЦФ го означи нападот како саботажа, а париското обвинителство отвори истрага.

Нападот се случил неколку часа пред церемонијата на отворање на Олимпијадата, во време кога многу патници планирале да патуваат во Париз.

За време на викендот околу 800.000 патници ќе бидат погодени од нарушениот железнички сообраќај, кој е омилено и најпрактично превозно средство за Французите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.