Талибанците објавија дека од денеска мора да бидат затворени сите салони за убавина бидејќи истече едномесечниот рок што им беше оставен на сопствениците сами да го направат тоа, а протестите против забраната во меѓувреме беа минимални.

Портпаролот на Министерството за пропагирање на вредности и спречување пороци, Садик Акиф Махјар, не кажа децидно дали талибанците ќе употребат сила против сопствениците на салони кои одбиваат да ја почитуваат одлуката.

Талибанците велат дека ги забраниле козметичките салони бидејќи нуделе услуги забранети во исламот.

Забраната за салони за убавина е последното ограничување на правата и слободите на авганистанските жени и девојки, а и претходеа забрани за нивно одење на училиште, излегување сами на јавни места и повеќето форми на вработување.

Најавата за затворање на салонот предизвика малку јавни протести на десетици козметичарки и шминкерки во Кабул. Безбедносните сили употребија противпожарни црева и истрели од пиштол во воздух за да ги растераат.

Одлуката предизвика загриженост кај меѓународните претставници за нејзиното влијание врз жените претприемачи.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека „ги поддржува напорите на Мисијата на ОН за помош во Авганистан (УНАМА)“, која ги повика властите да ја повлечат одлуката за затворање на козметичките салони.

УНАМА соопшти дека ограничувањето на правата на жените „ќе има негативно влијание врз економијата и е спротивно на поддршката за женското претприемништво, и ние бараме забраната да се укине“, изјави во понеделникот заменик портпаролот на ОН, Фархан Хак.

Талибанците наведоа низа услуги во салоните за кои велат дека се антиисламски: обликување веѓи, користење на туѓа коса за да се зголеми природната коса и шминка, што според нив го попречува „абдесот“ – ритуалното миење потребно пред молитвата.

Талибанците, исто така, велат дека плаќањето за услуги во салонот е финансиски товар за семејството на младоженецот, кое обично е должно да плати за посетата на невестата и нејзините блиски роднини во салонот пред свадбата.

Не се работи за средување на косата и ноктите. Во прашање се околу 60.000 жени кои ги губат своите работни места. Станува збор за жени кои ќе го загубат едно од ретките места каде што би можеле да одат за дружење и поддршка, бидејќи талибанците систематски го уништија целиот систем поставен за да одговори на семејното насилство“, истакна Хедер Бар, помошник директорка за правата на жените во Хјуман Рајтс Воч.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.