Властите на Придњестровје, блиски до Москва, денеска соопштија дека спречиле обид за убиство на претседателот на тој отцепен регион на Молдавија, Вадим Красноселски, наводно организиран од Украинската служба за национална безбедност.
Министерството за државна безбедност на Придњестровје соопшти дека се уапсени непрецизиран број луѓе во врска со обидот за напад врз Красноселски и други претставници од меѓународно непризнатиот регион.
Обвинителството на Придњестровје соопшти дека осомничените планирале да детонираат автомобил со експлозив во близина на претседателската поворка за време на минувањето на Красноселски низ главниот град Тираспол.
За обидот за убиство обвинителството ја обвини украинската служба за безбедност СБУ, но не обезбеди докази. СБУ ги отфрли обвинувањата, велејќи дека случајот „треба да се гледа исклучиво како провокација оркестрирана од Кремљ“.
Прозападната влада на Молдавија соопшти дека го следи развојот на настаните, но не може да ги потврди тврдењата на Тираспол за планирањето атентат на Красноселски.
Војната за отцепување на Придњестровје, регион со околу 470.000 жители долж границата со Украина, избувна во 1990 година. Во 1992 година беше постигнато примирје, а потоа беше договорено руските војници да останат во Приднестровје како мировници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.