Венеција сака да продолжи да наплатува влезници за туристите на еднодневните патувања откако на крајот на оваа недела ќе заврши пробниот период на првата ваква програма во светот, пишува германската агенција dpa.

Венеција има намера да ја земе предвид побарувачката и да ја удвои сегашната цена од пет на 10 евра во моментот на исклучителна посетеност на италијанскиот град на јадранскиот брег, изјави за локалниот весник Мишел Зуин, секретарот за финансии на градот.

Речиси едномесечниот пробен период на градот му донесе повеќе од два милиони евра. Во некои денови се евидентирани повеќе од 25.000 туристи кои платиле влез.

Во текст за весникот „Ил Газетино“, Зуин вели дека од 2025 година наваму „основната стапка“ ќе се применува за еднодневните посетители во еден дел од годината. Но, во „критичните денови“ туристите ќе треба да платат максимална цена од 10 евра. Градот не планира веднаш да објави официјален извештај по оваа сабота и недела. Прво ќе се евалуираат собраните податоци. Во пробниот период, во периодот од 08:30 до 16 часот, се наплаќа такса од пет евра. Посетителите можеа да добијат QR код преку Интернет, кој служеше како доказ за плаќање.

Се проценува дека годишно во Венеција пристигнуваат околу 15 милиони туристи, што ја прави еден од најпосетуваните градови во светот. Масовниот туризам значи големи приходи за градскиот буџет, но предизвикува и значителни штети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.