Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во средата изјави дека има докази кои укажуваат на присуството на севернокорејски трупи во Русија, јави Ројтерс.

– Што точно прават тие таму останува да видиме – нагласи Остин пред новинарите на состанокот на министрите за одбрана на земјите од Г7 во Италија.

Тој рече дека ќе се воздржи од давање дополнителни детали додека не заврши истрагата.

Според Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја, до крајот на годината се очекува да бидат распоредени околу 10.000 севернокорејски војници во Русија. Сеул тврди дека 3.000 севернокорејски војници веќе пристигнале на фронтот.

Од друга страна, главната украинска разузнавачка служба на чело со Кирил Буданов, ГУР, тврди дека севернокорејските трупи денеска ќе пристигнат во областа Курск.

Пјонгјанг, сепак, постојано ги негира тврдењата дека нејзините војници се присутни во Русија, отфрлајќи ги како „стереотипни гласини“, додека сателитски снимки објавени од Јужна Кореја, наводно, укажуваат на движење на севернокорејски војници во Русија.

Според некои наводи, севернкорејските војници ќе ѝ помагаат на Русија да ги потисне Украинците во регионот Курск. Русија веќе врати дел од териториите во Курск во контранапад.

Украинските медиуми објавија извештај според кој американските тенкови „М1А1 Абрамс“ и пешадиските борбени возила „Бредли“ влегле на територијата на Русија и учествуваат во битки со руските сили во областа Курск. Киев Пост објави дека за време на викендот украинската 47-ма бригада нападна во североисточните делови на регионот.

Се смета дека вооружените сили на Украина сè уште контролираат околу 800 квадратни километри руска територија, а најтешките борби во последните недели се водат долж главните патишта што водат до рускиот пограничен град Суја.

Неодамна, Лојд Остин во Киев изјави дека доколку Путин победи во војната, цела Европа ќе се сруши под неговата чизма.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.