Платеничката група Вагнер му предала на руското Министерство за одбрана огромни количини тешко оружје, воена опрема и илјадници тони муниција.

„Вагнеровците“ ги предале дури и своите тенкови Т-90 и Т-80, повеќецевни ракетни фрлачи и разновидна артилериска опрема, објави портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков.

Дополнително, предадени се над 2.500 тони разновидна муниција и 20.000 огнено оружје. Објавена е и снимка од тоа оружје. Целата воена опрема ќе биде сервисирана и употребена е пораката од министерството.

Водачот на Вагнер, Евгениј Пригожин, минатиот месец се побуни против Кремљ. Бунтот заврши на 24 јуни кога неговите сили беа на помалку од 200 километри од Москва по посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко. Тој и неговите борци добија имунитет од прогон. Неколку дена подоцна Пригожин се сретна и со рускиот претседател Владимир Путин, не се знае што е договорено, но можно е предавањето на оружјето да било една од точките на договорот.

Размената на оружје се одвива додека повеќе од 30 светски лидери од земјите членки на НАТО се собираат во литванскиот град Вилнус на дводневен самит.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.