Мировните сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ) соопштија дека базата на светската организација била погодена од ракетен напад, но нема повредени.

„Нашиот штаб во Накура беше погоден со ракета и работиме на утврдување од каде потекнува. Нашите мировници во тоа време не беа во засолништа. За среќа, никој не беше повреден“, соопшти мисијата УНИФИЛ.

Хамас соопшти дека истрелал 20 ракети врз Израел во областа.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека девет ракети паднале во Израел, пет биле пресретнати, а четири паднале на отворени области.

„Продолжуваме активно да соработуваме со властите од двете страни на сината линија за деескалација на ситуацијата, но за жал, и покрај нашите напори, воената ескалација продолжува“, соопшти УНИФИЛ, објави „Тајмс оф Израел“.

Мисијата ги повика сите вклучени страни да ги прекинат непријателствата и да им дозволат на мировните сили да помогнат во изнаоѓањето решение.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.