Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е во посета на Грузија, изјави во Тбилиси дека парламентарните избори во земјата, на кои победи владејачката партија „Грузиски сон“, биле слободни и демократски.
Орбан, кој вчера пристигна во Тбилиси, го поздрави својот грузиски колега Иракли Кобахиѕе и нагласи дека ги цени неговите напори за мир во Украина.
Дополнително, унгарскиот премиер истакна дека грузискиот народ направил „проевропски избор“. Орбан додаде дека бил информиран за мислењата на унгарските набљудувачи на изборите во Грузија, кои оцениле дека изборите биле слободни и демократски.
Унгарија е ротирачки претседател на Унијата, но од таму инсистираат дека Орбан не ја претставува ЕУ.
Тоа вчера го изјави и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел. – Што и да каже господинот Орбан за време на неговата посета на Грузија, тој не ја претставува Европската Унија. Ротирачкиот претседател на Унијата нема овластувања во надворешната политика“, изјави Борел за шпанското јавно радио РНЕ.
И портпаролката на Европската комисија Набила Масрали на прес-конференција во Брисел изјави дека посетата на Орбан на Грузија се одвива само во контекст на билатералните односи меѓу Унгарија и Грузија.
Во исто време, илјадници демонстранти денеска повторно се собраа пред зградата на парламентот во Тбилиси, откако се појавија информации за нерегуларности на изборите, а западните сили повикаа на истрага за изборниот процес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.