Украинските сили соопштија дека уништиле „значајно“ складиште за муниција во близина на пристаништниот град Хеническ во јужниот регион Херсон.

Нашите вооружени сили утрово зададоа добар удар – и тоа многу силен – во селото Рикове, во областа Хеническ, во регионот Херсон … Таму имаше многу значајно складиште за муниција, изјави денеска Серхи Братчук, портпарол на воената администрација на Одеса.

Светските агенции напоменуваат дека информацијата не може независно да биде потврдена. Од руска страна засега нема коментар за наводниот напад.

Украинските медиуми објавија видео снимки на кои се гледа како огромен облак од чад се издигнува далеку на хоризонтот со звуци на експлозии.

Селото Рикове е на околу 20 километри од Хеническ, пристаништен град на Азовското Море во јужна Украина, кој е под контрола на руските сили уште од првите денови на војната во февруари 2022 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.