Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, изјави дека разговорите за мировно решение за Украина што се одржаа минатиот викенд во Саудиска Арабија, а на кои немаше руска делегација и нанеле „огромен удар“ на Русија.

Јермак на брифинг со новинарите во Киев изјави дека сите земји кои биле присутни на преговорите во Џеда целосно ја поддржуваат независноста и територијалниот интегритет на Украина. Сепак, тој призна дека учесниците не постигнале договор за некои точки од украинската мировна формула, не сакајќи да прецизира за кои точки станува збор.

Според неговите зборови, за тие точки се уште се разговара, а учесниците биле ангажирани за изработка на рамковен документ кој би можел да биде усвоен на следниот мировен самит.

Јермак изјави дека учесниците се договориле во рок од шест недели да се одржи нов состанок на политичките делегации. Повеќе од 40 земји, вклучително и Кина, Индија, САД и претставници на земјите-членки на ЕУ, но не и Русија, учествуваа на собирот во Џеда, кој беше протолкуван како обид на Украина да изгради поширока коалиција која ќе ја поддржи мировната визија на официјален Киев.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски промовираше сет од 10 принципи што ги смета како основа за мир и завршување на војната, вклучително и повлекување на сите руски трупи и враќање на целата украинска територија под контрола на официјален Киев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.