Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска предложи средба со неговиот руски колега Владимир Путин, во време на растечки страв од руска инвазија врз Украина.

– Не знам што сака рускиот претседател, затоа предлагам да се сретнеме, рече Зеленски на Минхенската безбедносна конференција.

Тој додаде дека Украина е „штит на Европа“ против руската армија и го повика Западот да ја зголеми помошта.

– Ја цениме секоја помош, но сите мора да сфатат дека тоа не се добротворни придонеси што Украина треба да ги бара … Тоа е ваш придонес за безбедноста на Европа и светот. Каде што Украина е штит осум години, рече Зеленски.

Претседателот на Украина повика и на „јасен и остварлив“ календар за влез во НАТО.

– Соочен со Русија, Западот треба да ја поддржи Украина и нејзините одбранбени капацитети и да и даде јасен и остварлив распоред за членство во НАТО, рече Зеленски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.