Украинската армија изминатиот месец заземала повеќе од 600 населени места, кои беа под руска контрола, од кои 75 се во стратешки исклучително важниот регион Херсон, соопшти украинското Министерство за реинтеграција на привремено окупираните области.

Според соопштение на Министерството, околу 500 населби се заземени во североисточниот регион Харков, каде што украинските сили постигнале голем напредок откако минатиот месец биле пробиени руските линии на фронтот.

Притоа се наведува дека 43 населени места се ослободени во регионот на Доњецк, а седум во регионот на Луганск.

Површината на ослободените украински територии е значително зголемена – соопшти украинското Министерство на својата веб-страница.

Информациите не се потврдени од неутрални извори, а официјална потврда нема ниту од украинската армија, ниту од Кабинетот на украинскиот претседател.

Регионите Херсон, Доњецк и Луганск, заедно со Запорожје, беа „анектирани“ од Русија на крајот на минатиот месец, откако тамошните жители спроведоа референдум за припојување кон Русија во мигови кога се спроведуваше контраофанзива на украинските сили во три насоки на фронтот, и тоа кон североисток, исток и кон југ. Руските „анексии“ беа наречени нелегални и од Киев и од Западот.

Рускиот гувернер на украинската област Херсон вчера апелираше до населението да ја напушти областа поради засиленото гранатирање на украинските сили.

Украина почна контраофанзива на крајот на август за да ги потисне руските сили од територии заземени на почетокот на воената операција во февруари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.