Украинската армија соопшти дека во раните утрински часови забележала 12 прекршувања на примирјето од страна на проруските сили во источна Украина, вкупно 66 пати во изминатите 24 часа.
Во соопштението на украинската армија, објавено на официјалниот Фејсбук профил, се наведува дека „сепаратистите отвориле оган врз повеќе од 20 населени места, користејќи тешка артилерија, која е забранета со договорите од Минск“, објавија западните медиуми.
Инцидентите и гранатирањето преку линијата што ги дели владините и проруските сили драстично се зголемија оваа недела, што украинската Влада ги нарече „провокации“.
Украинската Влада ги демантираше најавите на Москва дека Киев би можел да започне офанзива во источниот дел на Украина.
Во меѓувреме, на Телеграм каналот на Центарот за координација и контрола на примирјето во источна Украина денеска е објавено дека украинските вооружени сили го прекршиле договорот за прекин на огнот во областа на самопрогласената „Луганска Народна Република“ (ЛНР) 31 пат во изминатите 24 часа.
Во соопштението не се наведува дали и колку лица се убиени или повредени, но според објавените информации, украинските сили употребиле минофрлачи со калибар 82 мм и 120 мм, противтенковски ракетни лансери СПГ-9 и рачни минофрлачи РПГ-7 и АГС-17, тешки митралези и артилериско оружје со калибар 122 мм, објавија руските медиуми.
Самопрогласената „Доњецка Народна Република“ (ДНР) денеска соопшти дека во украинското гранатирање е оштетена и важна водоводна станица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.