Русија ги засилува воздушните напади, со повеќе од 250 летови регистрирани во последните 24 часа, соопшти утрово украинската армија. Тоа е за 60 летови повеќе од претходниот ден, објави Украина. Главни цели се областите во и околу Киев, Чернихив и Харков.

Откако Русија ја нападна Украина пред еден месец, во Харков се убиени 294 цивили, меѓу кои 15 деца, соопшти денеска полицијата на Телеграм.

Луѓето речиси никогаш не ги напуштаат засолништата, а станбените области, училиштата, болниците и деловните простории се во пламен, велат тие.

Пред војната, во Харков живееле 1,5 милиони луѓе. Градот е под постојани воздушни напади, нагласи украинската армија.

Војската, исто така, соопшти дека вчера биле погодени 11 „непријателски воздушни цели“, вклучувајќи седум авиони, хеликоптер, беспилотно летало и две крстаречки ракети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.