Во Мариупол продолжија борбите меѓу руските и украинските сили. Украински офицер во Мариупол упати директен апел до претседателите на САД и Франција, барајќи од нив да ѝ достават на Украина модерен систем за воздушна одбрана. Тој рече дека Мариупол се соочува со судбината на Алепо, сирискиот град уништен од воздушни напади.

„Погледнете го градот, ова е само дел од градот што го уништува непријателската авијација, руската авијација. Вие ветивте дека ќе ни помогнете, дајте ни ја таа помош. Претседателе Бајден и Макрон, вие сте големи лидери. Бидете такви до крај. Спасете го цивилното население. Децата и постарите умираат. Градот е уништен и збришан од лицето на земјата. Или можеби сакате нов Алепо, всушност, речиси и го добивте. Ве молиме дајте ѝ на Украина воздушна одбрана“, изјави Михаил Вершинин, офицер на украинската армија

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, исто така ги повика европските сојузници и НАТО да испратат оружје за заштита на воздушниот простор над Киев. „Ве молиме поддржете нè. Ние сме во состојба сами да го затвориме нашиот воздушен простор, ни треба вистинско оружје“, рече Кличко во интервју за италијанскиот дневен весник „Кориере дела сера“.

НАТО постојано одбива да воспостави зона на забранети летови над Украина поради страв дека тоа може да доведе до директна воена конфронтација меѓу Русија и Западот. Москва пак, денеска соопшти дека користела хиперсонично оружје за да уништи подземно воено складиште во западна Украина. Хиперсоничните проектили се брзо оружје кое им бега на радарите и системите за противракетна одбрана.

„На 18 март, ракетниот систем на авијацијата Кинжал со хиперсонични балистички ракети уништи голем арсенал на ракети земја-воздух на украинските сили во населбата Делијатин во регионот Ивано-Франковск“, рече Игор Конашенков, портпарол на руската армија

Генералштабот на украинската армија тврди дека досега биле убиени над 14.000 руски војници, уништила 1.470 руски оклопни транспортери, 60 тенкови и над 100 борбени авиони и хеликоптери. Генералштабот на украинските вооружени сили преку објава на Фејсбук објави дека го убиле петтиот руски генерал. Станува збор за Андреј Мордвичев, командант на 8. вооружени сили на јужниот воен округ на руските вооружени сили.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.