Англиската полиција уапси маж осомничен дека пукал во полна кино сала во Ливерпул, каде што родители и деца го гледале детскиот филм „Wonka“, со што се стави крај на хајката која траела неколку часа, пишува „Сан“.

Полицијата соопшти дека мажот прво упаднал во трафика во близина во 20 часот и се заканил на вработен, барајќи пари, пред да испука и да замине со празни раце.

Неполн час подоцна, тој упаднал во киното и им се заканувал на вработените во фоајето, пред да го напушти објектот, но успеал да испука неколку истрели во воздух и да побегне со автомобил.

Очевидецот Крег Мурхед (35) изјави за Liverpool Echo дека бил во зградата на киното 45 минути, каде што отишол да го гледа филмот „Wonka“ со својата ќерка и нејзиниот партнер, кои и двајцата имаат 14 години.

Кога филмот завршил, слушнал како полицијата влегува во задниот влез, а кога излегол во фоајето, сфатил дека театарот е заклучен.

„Кога излеговме од киното, втрчаа вооружени полицајци. Разговарав со девојката зад шалтерот, очигледно момчето впери пиштол во неа. Таа беше во шок“, додаде Мурхед.

Малку подоцна, околу 22:20 часот по локално време, на патот Малпас се слушнале нови пукотници.

Полицијата утринава соопшти дека 49-годишен маж е уапсен во Фазаркерли, предградие на Ливерпул.

Кога се обиделе да го приведат, мажот бил агресивен, поради што употребиле електрошокер. Тој е обвинет за поседување оружје со намера да ги загрози животите на другите и грабеж, а бил одведен во полициска станица во округот Мерсисајд, каде што му е одреден притвор.

Од полицијата потврдија дека нема повредени и дека инцидентот не е поврзан со тероризам, туку дека се третира како голем инцидент.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.