Турција изврши воздушни напади врз курдските милитанти во соседните региони на Ирак и Сирија во саботата наутро, се вели во соопштението на турското Министерство за одбрана.

Овие напади се одговор на нападот врз турската воена база во Ирак во петокот, при што животот го загубија девет турски војници, јавува Асошиејтед прес.

Нападот се случи во петокот вечерта кога курдските напаѓачи се обидоа да се инфилтрираат во турската воена база во полуавтономниот курдски регион во северен Ирак, при што загинаа пет војници. Уште четворица војници подоцна починаа од повреди, додека турското Министерство за одбрана потврди дека во овој инцидент загинале и 15 милитанти.

Турција е позната по честите напади на цели во Сирија и Ирак за кои смета дека се поврзани со Курдистанската работничка партија (ПКК), забранета курдска сепаратистичка група која води бунтови против Турција од 80-тите години.

Турското Министерство за одбрана соопшти дека цел на воздушните напади биле Метина, Хакурк, Гара и Кандил во северен Ирак, но не прецизираше кои области во Сирија биле исто така цел на напад.

Во соопштението се наведува дека турските воени авиони уништиле пештери, бункери, засолништа и нафтени капацитети со цел да се елиминира заканата од терористички напади врз турскиот народ и безбедносните сили, со цел да се сигура безбедност на границата. Министерството, исто така, посочи дека многу курдски милитанти биле убиени за време на овие напади.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, на платформата Х објави дека земјата „до крај ќе се бори против терористичката организација ПКК во и надвор од нејзините граници“.

Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја додаде дека полицијата уапсила 113 лица осомничени за поврзаност со ПКК по рациите во 32 турски провинции.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.