Телефонските и интернет-комуникациите постепено се враќаат во Појасот Газа, објавија неколку палестински медиуми рано утринава, додека израелската војска ја интензивираше својата офанзива и покрај повиците за деескалација и ги повика палестинските цивили да одат на југ каде што ќе има вода, храна и лекови.

Израелската војска од петокот вечерта е во копнена офанзива со оклопни возила, продолжувајќи да го интензивира бомбардирањето на областа од 362 квадратни километри како одмазда за крвавиот напад на нејзината територија од страна на палестинското исламистичко движење Хамас на 7 октомври, во кој загинаа 1.400 луѓе.

Локалните власти во Газа во неделата објавија дека повеќе од 8.000 Палестинци, од кои половината деца, се убиени во израелските бомбардирања од почетокот на конфликтот пред нешто повеќе од три недели. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во саботата ја осуди „невидената ескалација на бомбардирањето“, која ги загрозува хуманитарните цели, уште еднаш повикувајќи на итен прекин на огнот.

Претседателката на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК), Мирјана Шпољариќ, во саботата рече дека е „потресена од неподносливиот степен на човечкото страдање“. Таа рече дека е неприфатливо цивилното население во Појасот Газа да нема безбедно засолниште пред масовното бомбардирање од страна на израелските воздухопловни сили.

Во моментов не е можна соодветна хуманитарна помош, рече Шпољариќ во изјавата објавена во саботата навечер. „Ова е катастрофална грешка, која светот не смее да ја толерира“, додаде таа. Според Црвениот крст, илјадници семејства во Газа се принудени да спијат во импровизирани засолништа или на отворено, со малку храна и вода.

Во соопштението се вели дека болниците, кои сè уште работат, се „на работ на колапс“, бидејќи им снемуваат резерви за да се згрижат многуте болни и повредени. Повеќето пречистителни станици веќе не се во функција. Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) рече дека здравствената заштита, водата и електричната енергија мора веднаш да бидат обновени за да се спасат животи.

 

Досега се ослободени четири жени. Хамас, кој се закануваше дека ќе ги погуби заложниците, проценува дека бројот на заложниците убиени во бомбашките напади е „речиси 50“. Интензивирањето на бомбардирањето на Газа се совпадна со прекинот на комуникациите и интернетот, што дополнително ја усложни задачата на хуманитарците.

Врските беа постепено обновени утрово, соопшти организацијата за надзор на мрежите Нетблокс. Соработникот на АФП во градот Газа потврдил дека можел да пристапи до интернет и до мобилната мрежа и дека можел да контактира со луѓето на југот на територијата.

Од 9 октомври, Израел изведува „тотална опсада“ на Газа, прекинувајќи го снабдувањето со вода, електрична енергија и храна на територијата на 2,4 милиони луѓе, која е под израелска копнена, воздушна и морска блокада од 2007 година. Само 84 камиони со хуманитарна помош успеаја да стигнат до Газа преку Египет од 21 октомври.

Недостигаат и лекови, а некои хируршки операции се вршат без успивање на пациентите, поради недостиг од анестетици, предупредија вчера Лекари без граници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.