Доверливи документи од Белата куќа, спакувани во 15 кутии, се пронајдени во викендичката на поранешниот претседател Доналд Трамп во Мар-а-Лаго во американската држава Флорида, соопшти Националниот архив на САД.

Како што јави Гласот на Америка, наведено е дека целиот случај е проследен до Министерството за правда на САД.

Писмото од Националниот архив е испратено до Комитетот за надзор на Конгресот, кој истражува дали Трамп ги чувал претседателските документи во согласност со законот.

Наводите ги потврдија шпекулациите дека Трамп не ги третирал доверливите документи според правилата додека бил претседател и откако ја напуштил Белата куќа. Откритието би можело да иницира федерална истрага за чување на владините тајни, за која треба да одлучат Федералното истражно биро (ФБИ) и Министерството за правда.

Федералниот закон на САД забранува доверливи документи да се носат на неовластени локации.

Адвокатите на поранешниот претседател рекоа дека „продолжуваат со потрагата по претседателските документи кои припаѓаат на Националниот архив“

Во соопштението од Националниот архив се наведува и дека некои од објавите на Трамп на социјалните мрежи не биле зачувани во согласност со законот, како и дека вработените во Белата куќа често воделе службени разговори преку приватни телефони или апликации, и дека тоа не е архивирано.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.