Летото само што започна на северната хемисфера, но брутален топлотен бран веќе зафати делови од Европа, Кина и Соединетите Американски Држави, каде викендов се очекуваат рекордно високи температури, што може да послужи како илустрација за опасностите од глобалното затоплување .

Американскиот метеоролошки институт издаде предупредувања за екстремни горештини за повеќе од 100 милиони граѓани, а особено опасни услови се предвидуваат во сојузните држави Аризона, Калифорнија, Невада и Тексас.

Неколку европски земји, меѓу кои Македонија, Франција, Германија, Хрватска, Грција, Италија, Шпанија и Полска истовремено се соочуваат со високи температури.

Тие би можеле да достигнат 48 степени Целзиусови на островите Сицилија и Сардинија, објави Европската вселенска агенција, кои се „потенцијално најжешките температури некогаш забележани во Европа“.

Во Северна Африка е исто така жешка и спарна, а Мароканската метеоролошка служба објави црвен аларм поради екстремните горештини во јужните делови на земјата.

Некои кинески провинции, вклучително и главниот град Пекинг, исто така се соочуваат со високи температури, а најголемата кинеска енергетска компанија соопшти дека нејзиното производство на електрична енергија достигна рекордно високо ниво за еден ден.

Минатиот месец веќе беше најтоплиот јуни досега, според американската вселенска агенција НАСА и програмата за климатски промени Коперник, управувана од Европската унија.

Екстремните временски услови кои произлегуваат од сè потоплата клима „за жал стануваат нова норма“, предупредува Петери Таалас, генерален секретар на Светската метеоролошка организација (СМО).

Екстремните горештини се еден од најсмртоносните метеоролошки настани, според СМО. Една неодамнешна студија проценува дека над 61.000 луѓе умреле од топлотен удар за време на рекордното затоплување на летото во Европа минатата година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.