Џејмс Крамбли, таткото на тинејџерот Итан Крамбли, кој отслужува доживотна затворска казна за масовното убиство што го изврши во училиште во близина на Детроит, Мичиген во 2021 година, е прогласен за виновен за убиство од небрежност. Тој e осуден по обвинението во кое стои дека не го чувал оружјето на обезбедено место и не реагирал на знаците на психички потешкотии кои ги покажувал неговиот син, објави Гласот на Америка.

Во февруари, за убиство од небрежност беше осудена и мајката на Итан, Џенифер Крамбли.

Итан Крамбли, кој имал 15 години кога на 30 ноември 2021 година отвори оган од полуавтоматски пиштол и уби четворица ученици, а рани уште двајца и наставник.

Обвинителите во обвинението посочија дека тинејџерот имал пристап до пиштол со калибар од девет милиметри, што татко му му го купил четири дена пред да ги изврши убиствата.

Неколку дена пред масакрот Итан Крамбли на работниот лист по математика, покрај цртежот со пиштол и ранет човек, напишал:

„Мислите нема да запрат. Помогнете ми. Мојот живот е бескорисен“.

Неговите родители, кои биле повикани на разговор со училишниот советник за цртежите и белешките, не го однеле дома од училиште.

Училишниот советник Шон Хопкинс ги советувал родителите да побараат помош за момчето во следните два дена бидејќи тој верувал дека има самоубиствени мисли.

Итан му кажал на советникот дека е тажен поради смртта на баба му, смртта на неговото милениче и преселувањето на неговиот пријател. Тој рекол дека цртежот е скица од видео игра и дека не планира да изврши насилство.

Според судските записи, ниту еден родител не го спомнал неодамна купеното оружје на службениците во училиштето.

Џејмс и Џенифер Крамбли се првите родители во САД кои се осудени за вооружено насилство од нивното дете на училиште.

Итан, кој сега има седумнаесет години, отслужува доживотна затворска казна за убиство, без право за условно ослободување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.