Во текот на неделата на 79-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации (ГСОН79), од 20 до 30 септември 2024, во Њу Јорк, Светската здравствена организација (СЗО) и партнерите ги повикаа светските лидери да се справат со критичните глобални здравствени предизвици и да инвестираат во глобалното јавно здравје.

На 26 септември 2024, на вториот состанок на високо ниво на тема антимикробна резистенција (АМР), главниот официјален здравствен настан во текот на неделата на 79-тото заседание на Генералното собрание на Обединетите нации, СЗО потсетува дека без решителна акција, како онаа наведена во текстот на нацрт-политичката декларација за состанокот, АМР ќе предизвика уште повеќе глобално страдање, особено во земјите со низок и среден приход. Антимикробната отпорност се јавува кога бактериите, вирусите, габите и паразитите повеќе не реагираат на лекови, што го зголемува ширењето на инфекции кои тешко се лекуваат, доведувајќи до болести и загуба на животи.

„Антимикробната резистенција му се заканува на цел век медицински напредок и може да нè врати во предантибиотската ера, во којашто инфекциите кои денес се лекуваат, би можеле да станат смртна казна“, рече д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО, кој се обрати на состанокот на високо ниво за АМР. „Ова е закана за сите земји на сите нивоа на приходи, поради што итно е потребен силен, забрзан и добро координиран глобален одговор“.

ГСОН79 се одвива во клучен момент кога светот, продолжувајќи да закрепнува од пандемијата КOВИД-19, ги забрзува напорите за исполнување на Целите за одржлив развој за 2030 година. Тековните хуманитарни, социјални и климатски кризи го загрозуваат значителниот глобален напредок кон здравствените цели. Милиони луѓе во светот сè уште немаат пристап до здравствени услуги кои спасуваат животи, што ја нагласува врската помеѓу здравјето и одржливиот развој. 

Самитот на иднината, што се одржа порано неделава, на 22 и 23 септември, ги обедини светските лидери во намерата да создадат нов меѓународен консензус дека донесувањето одлуки на глобално ниво треба да се води од науката, да се постигнат Целите за одржлив развој на ОН и да се зачува иднината. За време на Самитот на иднината, шефовите на држави и високи владини претставници го поддржаа „Пактот за иднината“, кој ги вклучува Глобалниот дигитален договор и Декларацијата за идните генерации. Здравствените приоритети се рефлектираат во резултатите на самитот, вклучително и важноста на пристапот до здравствените услуги и постигнувањето универзална здравствена покриеност.

Во текот на неделата на ГСОН, претставниците на СЗО учествуваат на повеќе официјални и неформални здравствени настани фокусирани на дигиталното здравје, здравјето на мајките, децата и адолесцентите, заразните и незаразните болести и менталното здравје, како и акцијата за климатските промени, унапредувањето на напредокот кон универзално здравствена покриеност и подготвеноста и одговорот на пандемии.

„Силните здравствени системи, правичниот пристап до здравствените услуги и силната подготвеност за пандемии се од витално значење за побезбеден и поздрав свет“, рече д-р Тедрос Аданом Гебрејесус. „Мора да ја искористиме моќта на дигиталните технологии за да ги премостиме празнините во пристапот до здравствените услуги и да изградиме отпорни системи кои можат да одговорат на повеќекратните симултани здравствени предизвици во светот, како што се епидемиите, пандемиите, климатските промени и товарот од незаразните болести.“

Генералното собрание на ОН коинцидира и со инвестицискиот циклус на СЗО, што претставува низа ангажмани и тековни напори за обезбедување одржливо финансирање за основната работа на СЗО за периодот 2025 – 2028 година. Д-р Тедрос и претставниците на СЗО ја пренесоа важноста од инвестирање во глобалното здравје и од силна и целосно финансиски поддржана Светска здравствена организација која ќе работи со земјите за унапредување на здравјето за сите.

Д-р Тедрос и претседателката на Европската инвестициска банка, Надjа Калвињо, одржаа средба, модерирана од Сузан Линч од Политико, на која одговорија зошто инвестирањето во примарната здравствена заштитита е од критично значење во време на зголемени шокови предизвикани од појава на болести како што е „мпокс“ (мајмунски сипаници). Оваа средба беше проследена со дискусија на тркалезна маса на високо ниво чии домаќини беа Европската инвестициска банка и СЗО, во рамките на новата Инвестициска платформа за влијание врз здравјето. Оваа нова платформа ги нагласува активностите на ниво на земји за зајакнување на вакцинацијата и на здравјето засновано врз заедницата.

СЗО беше домаќин и на Третиот годишен собир на шефовите на држави и влади за превенција и контрола на незаразните болести. На тој состанок се катализираше посветеноста на највисоките нивоа на владите и се зајакна ангажманот на партнерите пред претстојниот состанок на високо ниво на ГСОН за незаразните болести и менталното здравје во 2025 година. 

Од 22 до 29 септември 2024 година, СЗО учествува и на клучни настани, панели и иницијативи на Климатската недела во Њујорк. Обединувајќи ги светските лидери, бизнисите, креаторите на политики и активистите, на овие настани се разгледуваат решенијата за итните климатски предизвици.

Во текот на глобалните дискусии, експертите на СЗО го обезбедуваат здравствениот аргумент за централното значење на преземањето климатска акција. Експертите нагласуваат дека климатските промени не се само еколошки проблем, туку и итна здравствена криза, која директно влијае на милиони луѓе ширум светот.

Зголемените температури, нискиот квалитет на воздухот и нарушените екосистеми придонесуваат кон ширењето на заразни болести, респираторни заболувања и потхранетост.

За време на ГСОН, СЗО се вклучи и во голем број настани и дискусии што се фокусираа на подготвеноста и одговорот на пандемии, додека земјите-членки продолжуваат со преговорите за нова конвенција, договор или меѓународен инструмент.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.