Светската здравствена организација побара евакуација на болницата Ал Шифа во Газа, која, наведува нејзиниот хуманитарен тим, стана „зона на смртта“, пренесуваат француските медиуми.

Организацијата соопшти дека нејзината мисија ја посетила болницата и во моментов го изготвува планот за нејзина евакуација.

Според СЗО, во болницата остануваат 25 здравствени работници, 291 пациент, од кои 32 бебиња во критична состојба, 22 пациенти на дијализа и двајца пациенти на интензивна нега. .

Хуманитарниот тим на СЗО ја опиша ситуацијата во болницата како „зона на смртта“ и „очајна“.

„Тимот виде болница што веќе не може да работи, нема вода, нема храна, нема струја, нема гориво, медицинските материјали се исцрпени“, изјави генералниот секретар на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус на социјалната мрежа X.

„Со оглед на оваа очајна ситуација и состојбата на многу пациенти, вклучително и доенчињата, медицинскиот персонал побара помош за евакуација на пациентите кои не можеа да добијат спасувачка нега на лице место“, додаде тој.

Поголемиот дел од пациентите кои останале во болница имаат најмногу скршеници, ампутирани екстремитети, изгореници, повреди на градниот кош и абдоменот, а 29 пациенти имале сериозни повреди на ‘рбетот и не можеле да се движат без лекарска помош. Многу пациенти имаат сериозни инфекции поради недостаток на антибиотици и лоши хигиенски услови.

СЗО најави дека во наредните денови ќе бидат организирани неколку мисии за итна евакуација на пациентите. Тие ќе бидат однесени во болницата Насер и во Европската болница во Газа, иако и двете болнички установи веќе работат надвор од нивните капацитети.

Израелската армија, која во средата почна операција во самата болницата, тврди дека во неа се наоѓа команден центар на Хамас сместен во мрежата од подземни тунели.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.