Борбата против климатските промени е морален и економски императив, а инвазијата на Русија врз Украина е критичен момент во таа борба, смета британскиот премиер Риши Сунак.

Таа инвазија не е причина да се оди побавно со намалувањето на емисиите на стакленички гасови, причина е да се оди побрзо, истакна Сунак на климатскиот самит КОП27 (COP27) во Египет.

Според неговите зборови, со пренасочувањето на приватните и јавните финансии кон заштита на планетата, борбата со климатските промени може да се претвори во нови работни места и еколошки чист економски раст.

– На нашите деца можеме да им оставиме во аманет позелена планета и попросперитетна иднина, нагласи британскиот премиер.

Тој посочи оти мора да се исполни ветеното во поглед на финансирањето за борбата против климатските промени.

Сунак информираше дека Велика Британија инвестира во нова зелена инфраструктура, што вклучува помош на земјите во развој преку „брзата лента“ да се движат кон „еколошки чист раст“ и вложила 65 милиони фунти во низа зелени инвестициски проекти.

Тој оцени дека пандемијата од Ковид-19 „речиси ја скрши“ глобалната економија. Но, Сунак додаде дека Велика Британија се држи до нејзиното ветување за вложување 11,6 милијарди фунти во борбата против климатските промени, до 2025 година тројно ќе го зголеми финансирањето на прилагодувањето на нив, што тогаш ќе изнесува 1,5 милијарди фунти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.