Стотици хиндуси неделава направле неуспешни обиди да избегаат од Бангладеш во Индија поради вандализирање на нивните домови и средства за живот по соборувањето од власт на премиерката Шеик Хасина Вазед, јавија британските медиуми.

Невладината организација „Бангладешки совет за единство на хиндусите будистите и христијаните“ соопшти дека такви напади имало во 45 од 64 области во земјата, при што еден учител е убиен, а најмалку 45 хиндуси се повредени.

Хиндусите сочинуваат околу осум отсто од популацијата на Бангладеш што брои 170 милиони луѓе, каде што исламот е најраспространета религија.

Партијата „Лига Авами“ на Шеик Хасина се дефинира доминантно секуларна, додека во опозицискиот блок има една тврдокорна исламистичка партија.

Мохамад Ракибул Хасан, претставник на локалната власт во северозападниот округ Такургаон, изјави дека меѓу 700 и 800 хиндуси синоќа се обиделе да побегнат во Индија, откако некои од нивните домови биле нападнати.

Тие се вратија откако им дадовме заштита. Граничарите патролираат во областа. Сега се е во ред и нема повеќе пријави за насилство, изјави Хасан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.