Стотици илјади хиндуистички верници се капеа во светата река Ганг, во време кога во земјата се зголемува бројот на заразени со Ковид-19. Хиндуистите веруваат дека капењето во реката Ганг за време на фестивалот Макар Санкранти ќе ги спаси од гревот.

Слични собири придонесоа за голем втор бран на пандемијата во земјата минатата година.

Голем број луѓе се собраа покрај реката Ганг во северната држава Утар Прадеш и во источната држава Западен Бенгал, прекршувајќи ги воведените здравствени протоколи поради Ковид-19.

Властите во градот Прајаграј во Утар Прадеш, каде што се одржа настанот, објавија дека учесниците мора да бидат вакцинирани и да имаат негативен ПЦР тест, како и да им се измери температура на верниците.

Сите верници мора да покажат сертификати за вакцинација со негативен РТ-ПЦР тест. Се мери температура и се обидуваме да спроведеме безбедносни мерки и ќе преземеме чекори против прекршителите – изјави општинскиот функционер Пушпрај Синг.

Здравствените експерти предупредија дека таквите масовни настани во време кога земјата е зафатена од трет бран на Ковид-19 ќе го забрзаат ширењето на инфекцијата.

Поради позаразниот сој омикрон, Индија минатата недела забележа голем пораст на бројот на заразени. Во земјата со 1,3 милијарди жители, во изминатите 24 часа се регистрирани над 264 илјади заразени, што е пропорционално помалку отколку во повеќето европски земји.

Во изминатите 24 часа во Индија починале 315 лица, а од почетокот на пандемијата на Ковид-19 се потврдени 485.350 смртни случаи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.