Рано е да се каже кога ќе се донесат одлуки за обезбедување западни борбени авиони за Украина, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг пред почетокот на дводневниот состанок на министрите за одбрана на пактот во Брисел.

Гледаме дека Украина започна контраофанзива, гледаме жестоки битки и повторно заземање украинска земја. Ова покажува дека поддршката од сојузниците води до резултати на бојното поле – рече Столтенберг.

Тој истакна дека на состанокот на министрите за одбрана на НАТО ќе се разговара за продолжување на помошта за силите на Киев и за зголемување на производството на муниција.

Не гледаме знаци дека Русија се подготвува за мир и преговори. Колку е поуспешна контраофанзивата, толку е поголема веројатноста дека рускиот претседател Владимир Путин некогаш ќе сфати дека не може да победи на бојното поле и дека мора да преговара. Постигнувањето праведен и траен мир бара обезбедување помош за Украина – додаде генералниот секретар на Алијансата.

Тој посочи дека нуклеарна војна не може да се добие, па затоа не треба да се презема. Според него, руските изјави поврзани со нуклеарното оружје се неодговорни и опасни.

Јас сум одговорен за сите одлуки во НАТО, освен за една – за мојата иднина, изјави Столтенберг по повод очекувањето дека наскоро ќе биде заменет на функцијата, јави БТА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.