Кога рускиот претседател Владимир Путин ја започна својата целосна инвазија на Украина минатата година мислеше дека Киев ќе падне за неколку дена, а Украина за неколку недели, но не беше во право, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг во обраќањето на Контакт групата за одбрана на Украина, што се одржува во рамки на дводневната средба на министрите за одбрана на НАТО.

– Украинските вооружени сили повторно и повторно ги надминаа очекувањата. Повратија 50 проценти од територијата што ја зазеде Русија од февруари минатата година. Нанесуваат големи загуби на руските сили. Русија е воено деградирана, економски послаба и политички поизолирана. Но, нема знаци дека Путин се откажал од своите амбиции. Напротив, истакна Столтенберг.

Тој посочи дека Русија ги засили нападите врз критичната инфраструктура во Украина и повторно се подготвува да ја користи зимата како оружје за војна.

– Затоа, ние мора да продолжиме да го засилуваме и да го одржуваме постојаниот проток на оружје и муниција во Украина. Колку Украина е посилна на бојното поле, толку посилни ќе бидат на преговарачката маса и толку побрзо ќе заврши оваа војна, додаде Столтенберг во обраќањето на средбата на која присуствуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Столтенберг потенцира дека треба да се постави долгорочна рамка која ќе обезбеди историјата да не се повторува и затоа сите сојузници од Алијансата се согласуваат Украина да стане членка на НАТО.

– На нашиот самит во Вилнус во јули, сојузниците го отстранија условот за Акцискиот план за членство. Воведовме програма за да ги направиме вооружените сили на Украина целосно интероперабилни со вашите идни сојузници и формиравме Совет НАТО-Украина, каде сојузниците и Украина седат како рамноправни страни, додаде генералниот секретар на Алијансата.

Изразувајќи задоволство од присуството на Зеленски на средбата, Столтенберг му порача дека неговото лидерство, хероизмот на украинските вооружени сили и решителноста на украинскиот народ ги импресионираа сите.

– Вашата борба е наша борба. Вашата безбедност е наша безбедност. Вашите вредности се наши вредности. Ќе стоиме покрај Украина онолку колку што е потребно, додаде Столтенберг во обраќањето.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.