Американскиот претседател Џо Бајден денеска во Белата куќа ќе го прими генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. Средбата ќе се одржи во време на засилена трка за избор на наследник на Норвежанецот, чиј мандат истекува подоцна оваа година.

Се очекува Бајден и Столтенберг да разговараат и за конфликтот во Украина и за напорите на сојузниците да ја убедат Турција да се согласи да го деблокира пристапот на Шведска во Алијансата.

Столтенберг, ја водеше алијансата од 2014 година и трипати му беше продолжен мандатот, и на почетокот на годинава објави дека нема да бара реизбор. Неговиот мандат истекува на крајот на септември, а во таа насока започна трката за негов наследник, која во последно време се интензивираше, особено во контекст на претстојната средба следниот месец на шефовите на држави и влади на 31 членка на пактот во главниот град на Литванија, Вилнус.

Минатата недела, британскиот премиер Риши Сунак пред Бајден се заложи за избор на британскиот министер за одбрана Бен Валас за наследник на Столтенберг. Американскиот претседател се сретна и со данската премиерка Мете Фредериксен, која, исто така, се смета за потенцијален кандидат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.