Комесарката за човекови права при Советот на Европа Дуња Мијатовиќ ги повика земјите-членки да ја запрат „репресијата“ врз невладините организации и луѓето кои ги штитат правата на мигрантите.
Во извештајот со препораки објавен денеска, Мијатовиќ истакна дека има „растечки тренд на притисок, заплашување и криминализирање на луѓето и организациите кои им помагаат на бегалците, барателите на азил и мигрантите“.
Во текот на нејзиниот шестгодишен мандат, кој завршува на крајот на март, еврокомесарката постојано го осудуваше притисокот врз невладините организации кои им помагаат на мигрантите во Европа и ограничувањата на нивната работа.
Таа денеска укажа и на конкретни ситуации, како што е италијанската „криминализација“ на невладините организации кои спасуваат мигранти во Средоземното Море. Таа, исто така, го осуди „непријателското опкружување“ во кое работат бранителите на основните права во Грција.
Мијатовиќ го критикуваше и туркањето на бегалците и мигрантите од европските граници.
Во својот извештај, комесарката „ги повикува земјите-членки на Советот на Европа да направат се што е можно за да го сменат трендот на репресија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.