Синот на шпанските филмски ѕвезди Родолфо Санчо и Силвија Брончало е уапсен во Тајланд под сомнение дека убил и распарчил колумбиски хирург на популарен туристички остров, соопшти локалната полиција. Даниел Санчо Брончало (29) бил однесен од Кох Фагнан, каде што биле пронајдени посмртните останки на Едвин Ариета Артеага (44), на друг остров Самуи, каде што бил приведен.

Санчо, готвач со популарен канал на Јутјуб, е обвинет за убиство со умисла и прикривање на телото, за што може да се соочи со смртна казна.

Тајландските медиуми објавија дека пластичните кеси со делови од телото на мажот биле пронајдени во депонија на островот Кох Фагнан. Според полицијата, Санчо го пријавил за исчезнат Едвин откако веќе биле пронајдени делови од неговото тело. Откако бил приведен, тој признал дека го убил и распарчил, а потоа ги фрлил деловите од неговото тело во депонија и во морето, но негираше дека злосторството било со предумисла, пренесува CBS News.

Жртвата и осомничениот се познавале пред да дојдат на Тајланд, извести полицијата, но на прашањата за мотивите на злосторството не дале јасен одговор.

Тајландските медиуми јавуваат дека Санчо наводно на сослушувањето рекол дека дошол на Тајланд на одмор, а со убиениот Едвин бил во романтична врска, која се обидел да ја прекине, но жртвата не сакала да ја прифати. Според Санчо, тој бил како заложник на убиениот хирург, кој, како што се пожали готвачот, бил опседнат со него.

Неколку дена пред убиството, безбедносните камери ги снимија двајцата мажи заедно на мотор. Во неделата убиецот ја однел полицијата на дури седум места каде наводно го фрлил распарченото тело на жртвата, кое го сокрил во пластични кеси. Регионалниот началник на полицијата рече дека Санчо бил виден како купува нож, кеси за ѓубре и средства за чистење пред смртта на Ариета.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.