Синот на починатиот филипински диктатор Фердинанд Маркос, Фердинанд Маркос јуниор е пред победа на претседателските избори во Филипините.
Според неофицијални резултати, врз основа на 96 отсто од преброените гласови, Маркос јуниор освоил повеќе од 30,5 милиони гласови, пренесе АП.
Неговиот ривал и противкандидат, актуелниот потпретседател Лени Робредо освои 14,5 милиони гласови, а се чини дека трето позициониран кандидат е поранешната боксерка, спортската ѕвезда Мени Пакјао со 3,5 милиони гласови.
Многу добар изборен резултат постигна и кандидатката за потпретседател на Маркос јуниор, Сара Дутерте, ќерката на лидерот во заминување, Родриго Дутерте.
Според американската агенција, политичкиот сојуз на децата на двајцата авторитарни лидери е добра комбинација за стекнување на власт на Филипините, но предизвикува загриженост за состојбата со човековите права.
Маркос јуниор и Сара Дутерте избегнаа контроверзни прашања за време на нивната кампања и останаа на наративот за национално единство.
Маркос јуниор не прогласи победа, но им се заблагодари на своите поддржувачи и ги повика да бидат будни додека не заврши пребројувањето на гласовите. Ниту Робредо не го призна поразот, но го потврди големото водство на Маркос јуниор во неофицијалното пребројување.
Таткото на Маркос јуниор владееше со Филипините повеќе од 20 години како диктатор, а тој и неговата сопруга Имелда Маркос ја третираа државната економија како да е нивна лична заштеда, пишува АП.
Парот Маркос беше соборен на 25 февруари 1986 година и беше принуден да ја напушти земјата. Тие се преселија на Хаваи, каде што Маркос почина во 1989 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.