Лидерот на моќниот синдикат CGT Филип Мартинез им порача на демонстрантите кои утре ќе протестираат против најавената реформа на пензискиот систем да обрнат внимание на замоците на милијардерите и да им ја исечат струјата за и тие да почувствуваат неколку дена како Французите кои не можат да си ги платат сметките.

Претставникот на синдикатот за енергија и рударство CGT, Себастиен Менесплие, во изминатите неколку дена им се закани дека ќе им ја исклучи струјата на француските парламентарци, пренесува Ројтерс.

Портпаролот на француската влада Оливие Веран изјави дека таквите закани се неприфатливи.

Вработените во транспортот, енергетиката и образованието утре ќе излезат на улиците на француските градови за да го изразат својот протест против најавената реформа на пензискиот систем, според која Французите би можеле најрано да се пензионираат на 64-годишна возраст.

Според сегашниот закон, Французите можат да се пензионираат најрано на 62 години.

Синдикатите велат дека седум од десет наставници ќе учествуваат во штрајкот, а францускиот министер за внатрешни работи Жерал Дарманин рече дека на протестите се очекуваат повеќе од 10.000 полицајци.

Третина од сите најавени протести ќе бидат во Париз, а полицијата очекува на нив да учествуваат околу 1.000 потенцијално насилни учесници на радикалната левица.

Франција има долга традиција на протести против обидите за реформа на пензискиот систем, а еден од најголемите беше во 1995 година, кога милиони граѓани излегоа на улиците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.